Бугарија минатата година го попречи патот на Македонија кон ЕУ, откако Софија изрази незадоволство за прашањата поврзани со јазикот и историјата со потези кои беа критикувани од другите членки на ЕУ.

Амандман предложен од европратениците сега би можел да донесе дополнителна осуда за Бугарија. Европратениците бараат од бугарските власти да прекинат да користат провокативни изјави против Македонија, фалејќи ја македонската зрелост и балансиран одговор кон бугарските напади.

– Не гледаме деструкција од македонската страна, туку гледаме вид на загадувачки процес од бугарските власти, кажа холандската европратеничка Тинеке Стрик, реагирајќи на негодувањата од бугарските колеги.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбазки го окарактеризирал амандаманот како „злонамерен, тенденциозен и измамнички“.

Стрик која е меѓу предложувачите на амандманот, посочи дека бугарските барања за идентитетот немаат никаква поврзаност со критериумите на ЕУ, додавајќи дека бугарската блокада го подрива кредибилитетот на ЕУ во државата и во регионот.

Во амандманот, претставници на бугарската Влада се обвинети за провокативни изјави за историски прашања кои ја засегаат Македонија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај тековната изборна кампања во Бугарија.

Предлогот го дадоа четворица европратеници од Хрватска, Словенија, Австрија и Полска кои потенцираат дека Бугарија се однесува спротивно на духот на Договорот за добрососедство.

Бугарските европратеници најавија дека ќе гласаат против амандманите предложени од Социјалистите и Зелените во Извештајот за напредокот на Република Македонија, кои, како што оценуваат, содржат квалификации неприфатливи за Бугарија.