Според информациите на А1он, вработените велат дека работат подеднакво колку и персоналот вработен со решенија за вработување, го делат истиот ризик за сопственото здравје и сметаат дека е нечовечно тоа што им доцнат платите.

– Персоналот кој е со договор на дело вработен во клиниките еве веќе трет месец не е исплатен. Од почетокот на пандемијата на короновирус ние се бориме, заедно со останатите колеги, да им помогнеме на болните иако самите немаме здравствено осигурување, иако не ни е платен стажот, секојдневно ризикуваме да заболиме и да го пренесеме вирусот на најблиските, а за тоа не ги земаме ниту минималните и смешни примања. За многумина од нас, тие пари се основен извор на приход. Зарем не е срамота да се грижиме за другите, а да не бидеме исплатени? Зарем не сме битни?, прашуваат вработените со договор на дело во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Се жалат дека се во безизлезна ситуација оти не можат да си дозволат да престанат да одат на работа во знак на револт поради неисплатените плати.

Тропнале на сите врати за исплаќање на платите, но место пари добиле само префрлање на одговорноста од едни на други. Велат дека и министерот Филипче им ветувал дека ќе бидат исплатени, но тие сè уште чекаат.

Филипче не одговорил конкретно на прашањата од „А1он“ зошто доцнат платите на вработените по договор на дело и кога ќе им бидат исплатени. Од Министерството за здравство, пак, на прашањата за неисплатените плати на вработени со договор на дело, место одговори, испратиле објаснувања за начинот на вработување и потребните согласности за вработените со
договор на дело да добијат решенија иако не биле прашани за постапката.

Целиот текст на А1он.