Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати остри критики до американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека неговите постапки во врска со конфликтот во Иран претставуваат „огромна ескалација“, а не обид за мир, пренесува ДПА.
На конференцијата на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Мерц изрази сомнеж дека целта на Вашингтон е промена на режимот во Техеран.
– Она што Трамп го прави во моментов не е изнаоѓање мирно решение, туку ескалација со неизвесен исход. Ако целта е смена на режимот, не верувам дека ќе ја постигнат, бидејќи таквите обиди во минатото најчесто пропаѓаа – нагласи германскиот канцелар.
Тензиите меѓу Вашингтон и Берлин се зголемија откако Трамп ја критикуваше Германија за нејзиното одбивање да помогне во обезбедувањето на Ормуската Теснина. Трамп ги оцени како „неумесни“ изјавите на германските претставници дека конфликтот во Иран „не е нивна војна“. Слични ставови деновиве, покрај Мерц, изнесоа и министерот за одбрана Борис Писториус и вицеканцеларот Ларс Клингбајл.
