Најмалку 11 бугарски државјани се повредени, од кои петмина се однесени во болница, по сериозните тепачки меѓу навивачите на Олимпик Марсеј и Левски Софија пред натпреварот од петтото коло од главната фаза на Лигата на Европа, кој се одигра на стадионот „Велодром“.
Насилството почнало уште пред почетокот на натпреварот. Неколку десетици навивачи на Марсеј, од јужната трибина на стадионот, навлегле во секторот „Жан Буен“, каде што биле сместени околу 500 навивачи на Левски. Потоа следело бркање, туркање на толпата, како и фрлање разни предмети и пиротехника. На трибините биле разменети удари со раце и со нозе, а во судирите биле користени и противпожарни апарати. Полицијата употребила солзавец за да воспостави ред, по што бугарските навивачи биле преместени под засилена полициска придружба.
Според официјалните информации, пет бугарски државјани се префрлени во болница со повреди на окото и на черепот, а евидентирани се и исчашувања на рамото. Уште шестмина навивачи добиле медицинска помош на самото место поради разни повреди, при што сите 11 пријавени жртви се бугарски државјани.
Раководството на францускиот клуб издаде официјално соопштение во кое го осуди инцидентот и оцени дека брзата интервенција на безбедносните служби овозможила воспоставување мир без да влијае врз одигрувањето на натпреварот. Клубот соопшти дека активно соработува со надлежните органи за да се утврдат точните околности околу настанатите инциденти.
Случувањата предизвикаа остри реакции во Бугарија, каде лидерот на ГЕРБ, Борисов, побара бугарската влада веднаш да побара објаснувања од француските власти, повикувајќи ја УЕФА да изрече најстроги казни за Олимпик Марсеј.
Реагираше и бугарската претседателка Јотова, која инцидентите ги оцени како неприфатливи и апелираше француските органи да ги расветлат настаните и да побараат правна одговорност од виновниците.
Бугарскиот фудбалски сојуз официјално ја извести УЕФА за покажаната агресија кон приврзаниците на софискиот клуб.
Поради немирите на трибините, исходот од средбата остана во втор план, а на теренот Олимпик Марсеј славеше против Левски со 1:0 со погодок постигнат од пенал преку Амин Гири.
