Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска ќе престојува во официјална посета на земјава, каде што ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Според најавите од Владата, Мицкоски и Кошта најпрво ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следи состанок меѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. По разговорите, двајцата ќе се обратат на заедничка прес-конференција во Владата.

Посетата на Кошта е дел од неговата регионална турнеја низ Западен Балкан, која започна вчера во Сараево. Денеска тој ќе пристигне во Скопје од Тирана, а утре ќе ја посети Приштина. Во четврток е предвидена посета на Белград, по што турнејата ќе заврши во Црна Гора.

Во рамки на посетите, Кошта ќе разговара со лидерите од регионот за процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, како и за прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.

„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал дека посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто како и можноста за проширување. Моментумот е тука и сега е време за конкретни резултати“, изјави Кошта во пресрет на посетата.

На 5 јуни, претседателот на Европскиот совет ќе биде ко-претседавач на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, посветен на темата „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“.