„Тиквешка ракијада 2023″ ќе се одржи денеска во Вински музеј Кавадарци, во чест на најдобрите жестоки пијалаци. На фестивалот со музички хепенинг и дегустирање на производи од грозје, ќе бидат доделени награди на најдобрите производители на ракии, откако од стручни лица беа оценети мостри од производите, испратени по јавниот повик на оваа меѓународна манифестација.

– Околу 250 мостри пристигнаа на оценување во рамките на фестивалот „Тиквешка ракијада 2023″ во Кавадарци, организиран од Здружението на производители и мали дестилерии за жестоки алкохолни пијалоци, „Ж”та, во соработка со кавадаречката локална самоуправа и Вински музеј, информираше Панче Арсовски, претседател на „Ж’та”.

Тој соопшти дека пристигнале мостри од македонски производители, но и од Србија, Словенија, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција.

На натпреварот за најдобри ракии, свои мостри можеа да испратат регистрирани мали дестилерии и индивидуални производители. Имаше неколку категории за оценување. Лозова жолта до три години, лозова жолта постара од три години, лозова бела, мастика, овошни ракии од слива, дуња, кајсија, крушка, вишна, ликери и останати ракии, траварици, џин, од други овошја. За над седум мостри од одреден тип ракии, се формираше посебна категорија за оценување.

– На сите учесници ќе се доделат дипломи со постигнати резултати и златни, сребрени и бронзени медали според пласманот, како и златни, сребрени и бронзени пехари за првите три најдобро пласирани од секоја категотија, голем златен пехар за севкупен победник за најдобри резултати во повеке категории и главната награда, казан за ракија. Оценувањето го вршеше стручна петчлена комисија под раководство на професор доктор Нинослав Никиќевиќ и професор доктор Михаил Петков, појасни Арсовски.