Финалната серија во Источната конференција продолжува откако утринава Бостон врати еден од двата брејка против Мајами.

Во четвртиот натпревар, Селтикс триумфираа со 116-99 и ја избегнаа судбината на Лос Анџелес Лејкерс кој вчера доживеа „метла“ во серијата со Денвер. По првото полувреме Мајами имаше предност од шест разлика (56-50), но следуваше урагански втор дел кој му припадна на Бостон со 66-43 за конечна победа и намалување на негативата. Сепак, на 17-кратниот шампион му треба уште многу за да се спаси од елиминација и да стане прв тим во историјата што ја свртел серијата откако губел со 0-3.

Џејсон Тејтум со 33 поени, 11 скока и 7 асистенции беше најдобар во екипата на Бостон, Браун додаде 17 поени, Вајт 16, а Грент Вилијамс 14. Кај Мајами, Батлер стигна до 29 поени, но сега не се истакна никој од „епизодистите“ кои на претходните натпревари му ги носеа победите на тимот од Флорида.

Петтиот натпревар се игра во Бостон и евентуална победа на Селтикс ќе го врати притисокот на страната на Мајами иако оваа екипа ќе има уште две меч топки.