Тинејџер осомничен за масакр во Тамблер Риџ бил познат на полицијата

Осумнаесетгодишниот Џеси Ван Рутселар е осомничен дека во вторникот усмртил шест деца и двајца возрасни во руралниот град Тамблер Риџ, во канадската покраина Британска Колумбија. Тој бил пронајден мртов на местото на настанот со самонанесена прострелна рана.

Според информациите објавени од Би-Би-Си, осомничениот претходно бил приведуван и проценуван согласно Законот за ментално здравје, но поседувал дозвола за огнено оружје.

Нападот започнал во семејниот дом, продолжил во училиштето

Трагедијата започнала во семејната куќа, каде што биле пронајдени телата на неговата 39-годишна мајка и 11-годишниот полубрат. Нападот потоа се префрлил во средното училиште во Тамблер Риџ, каде што биле убиени пет ученици на возраст од 12 до 13 години и 39-годишен наставник.

Во нападот биле повредени најмалку 25 лица, од кои двајца млади остануваат хоспитализирани во критична состојба.

Повеќекратни полициски интервенции и прашања за оружјето

Кралската канадска коњичка полиција потврди дека во изминатите години интервенирала повеќепати во домот на осомничениот поради проблеми со неговото ментално здравје. Заменик-комесарот Двејн Мекдоналд изјави дека во повеќе наврати бил приведуван на проценка и понатамошен третман.

Полицијата на местото на нападот пронашла долга пушка и модифициран пиштол. Сè уште не е разјаснето како оружјето било набавено, иако било соопштено дека пиштолот претходно бил запленет, а подоцна вратен на член од семејството по поднесено барање.

МАСАКР ВО КАНАДА: Десет загинати, 25 повредени по вооружен инцидент во Тамблер Ри

Во градот со околу 2.400 жители знамињата се спуштени на половина копје, а пред училиштето е поставен импровизиран споменик со цвеќиња и мечиња. Жителката Шели Квист изјави дека во малите градови луѓето се грижат едни за други и дека трагедијата ја потресла целата заедница. Нејзиниот 17-годишен син, кој бил во училница за време на нападот, сведочел дека учениците се чувствувале шокирани, лути и тажни, додавајќи дека изгледало нереално ваков настан да се случи на такво место.

Премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, соопшти дека властите се во контакт со здравствените служби за да се утврдат евентуалните претходни интеракции со осомничениот. Дополнително, беше наведено дека тој се идентификувал како жена и дека го напуштил училиштето пред четири години.

Судските документи од претходна старателска постапка укажуваат на чести преселби на семејството во периодот меѓу 2010 и 2015 година.