Според Јован Деспотовски ова е почеток на важна соработка.

„Ова е почеток на една многу важна соработка. Очекувам дека во следниве денови јапонската делегација во која има и претставници на големи јапонски компании ќе ги препознаат потенцијалите за соработка“ изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.

„Идејата на оваа посета беше да им се овозможи на јапонските компании да се запознаат со менталитетот во Северна Македонија, деловните активности и да се воспостават деловни врски меѓу јапонските и македонските компании“, рече директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино.

ТИРЗ е домаќин на јапонската делегација предводена од генералниот директор на јапонското Министерство за економија, трговија и индустрија Такехико Матсуо и директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино, а во чиј состав се и претставници од 11 познати јапонски компании. Во следните три дена тие ќе имаат средби со студенти од ФИНКИ, со претставници на старап компании кои се дел од програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и со претставници на големи компании кои се дел од Стопанската комора на Македонија.

„Важноста на Северна Македонија значително расте. Додека недостигот на работна сила станува се поостри во Централна и Источна Европа, Северна Македонија има изобилство на квалитетни човечки ресурси. Исто така, има одличен пристап до огромниот пазар на ЕУ и транспортен пристап до други европски земји каде веќе се наоѓаат центрите на синџирот на снабдување. Пред сè, Северна Македонија е „сигурен партнер“ со кој споделуваме фундаментални вредности“, нагласи Матсуо.

Меморандумот се потпишува во месецот кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија.