Следен предизвик за Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово и Владата ќе биде создавање на таканаречена „Зелена зона” со дополнителни инвестиции во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, ова е доказ дека јавно приватното партнерство на Владата со компанијата Нормак Груп за ТИРЗ Тетово е успешно на повеќе нивоа.
-Сакам да ја известам јавноста дека веќе при крај сме со менаџментот на ТИРЗ Тетово да стане прва зелена зона на ниво на државата и регионот каде ќе почнат дополнителни инвестиции за капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, за компании во зоната, но и за потреби на други компании. Ова ќе покаже дека јавно приватното партнерство веќе дава очекувани резултати и може да се користи во другите ТИРЗ региони во градовите низ државата, истакна Бектеши.
Нагласи дека Владата согласно последните измени и дополнувања на Законот за енергетика ќе создава услови за да може што поголеми инвестиции да се направат во делот на обновливите извори.
-Во овој случај тоа е за фотонапонските централи. Ние имаме различни механизми како држава, како што е премиум тарифата во зависност од планот што ќе се достави, а најверојатно е доставен, а јас сум бил на пат, ќе биде разгледан од страна на службите во Министерството за економија. Инвестицијата ќе се направи од страна на приватниот инвеститор, во овој случај од страна на операторот на зоната во Тетово, а ние за да ги поттикнеме, за да ги стимулираме сите наши домашни и странски компании да инвестираат во обновливи извори секако дека ќе излеземе во пресрет со механизмите кои се постоечки, рече Бектеши.
Тој информираше дека државата веќе е во последната фаза од воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба и оперирање со дистрибутивната мрежа на природен гас.
-Во моментов се преговараат економските и финансиските услови кои се понудени од страна на двете компании. Формирана е комисија во склоп на Владата и се очекува некаде во средината на оваа година да има и договор со една од заинтересираните страни, прецизира Бектеши.