Кандидатот на Алијанса за Албанците за министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, му бил советник на Груевски за високо образование, наука и ИКТ. На списокот на советници на Груевски, објавен од Владата на СДСМ во мај 2018 година, името на Азир Алиу е наведено прво, јавува 360 степени
„Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“, пишува во денешното соопштение од Алијанса за Албанците кое е реакција на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ
Азир Алиу – кандидатот за министер за информатичко општество и администрација од редовите на Алијанса за Албанците бил советник на Никола Груевски додека тој беше шеф на Владата. Ова го пишува и во неговата биографија, во која, меѓу другото, Алиу навел дека од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на премиерот. А, премиер во тој период беше Никола Груевски, кој во меѓувреме за да не оди во затвор, побегна во Унгарија.
По доаѓањето на СДСМ на власт, Владата на Зоран Заев обелодени дека Груевски во периодот од 2010 до 2016 година имал вкупно 91 советник за што се трошеле по најмалку 1,73 милиони евра годишно. На списокот на советници на Груевски, објавен во мај 2018 година, името на Азир Алиу е наведено прво.
Инаку, Алиу е доктор по информатички науки и редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Родум е од Гостивар и има 47 години. Тој е дел од предлогот за реконструкција на Владата што премиерот Димитар Ковачевски веќе го достави до парламентот, по договорот со Арбен Таравари за влез на Алијанса на Албанците во владиниот состав.
Од друга страна, лидерот на Алијанса за Албанците во повеќе изјави во последно време зборува дека ВМРО-ДПМНЕ е нереформирана и останата во времињата на Никола Груевски. Таква теза има и во денешната реакција на Алијанса на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја разбираме омразата на ВМРО-ДПМНЕ кон Алијанса за Албанците и нашите експоненти, која потекнува од 2017 година кога го прекинавме нивниот режим и во многу други случаи кога ниту се предадовме, ниту дозволивме тој режим да се врати … Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“, пишува во соопштението од Алијанса.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, при гостување на МРТВ во септември минатата година оцени дека ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е исто како тоа на Груевски.
„Нема никаква разлика, затоа што ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е само наследство на претходното раководство. Тоа се советниците во кабинетот на поранешниот претседател или претседател на Влада“, вели Ковачевски.
Сега Ковачевски и Таравари предлагаат за министер токму советник на Груевски во времето кога беше премиер.