Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Алијанса за Албанците постигнаа договор за заедничка коалициска соработка врз основа на принципи и заеднички заложби како и имплементација на Програмата за работа на Владата, велат од СДСМ.

Двете партии ќе бидат максимално посветени на: реализирање на Програмата на Владата, зголемување на ефикасноста на Собранието и институциите, спроведување на мерките за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зајакнување на економијата, борба против криминалот и корупцијата, поддршка на стратешкото партнерство со САД, на одлуките и реформите за продолжување на европскиот пат и остварување на полноправно членство во ЕУ, се наведува во соопштението од партијата.

Приоритетие на заедничката соработка, како што истакнаа, ќе бидат владеење на правото и борбата против корупцијата, негување и поттикнување на добри меѓуетнички односи, рамноправен економски и територијален развој, развојна држава и зелена енергија, одржливо земјоделство и енергетска транзиција и здрави граѓани.

Во Собранието за в понеделник во 15 часот е закажана 104. седница на која ќе се одлучува за Предлогот за реконструкција на Владата што го испрати премиерот Димитар Ковачевски. Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.