Топланите во Скопје и поголемите производствени капацитети ќе продолжат да работат на природен гас. Енергенсот ќе се набавува од бугарската компанија „Balkan Utilities“ за што вчера ЕСМ Продажба потпиша договор.

Од компанијата информираа дека бугарската компанија понудила цена од 115,97 е/MWh за јануари и дала понуда за снабдување до мај, а „Макпетрол“ понудила цена од 116,20e/MWh.

– Договорот е потпишан со фирмата Balkan Utilities од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97. Истата фирма даде понуда за снабдување и до 1.5.2023г., со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, Макпетрол Пром–Гас, понуди цена од 116,20e/MWh, која не беше фиксирана, односно е подложна на корекции за јануари. Третиот понудувач A.P.M.P. Handels Ges не даде комплетна понуда, соопшти ЕСМ Продажба.

Повикот за прибирање понуди од домашни и странски компании беше објавен на 23. овој месец.

Претходно, компанијата „Макпетрол“ најави дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас поради, како што наведоа, новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“.

– Од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, „Макпетрол“ АД Скопје нема можност да отпочне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем преставува и фактот што и по 5 (пет) години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти, соопштија од компанијата.

По ова уследи состанок во Регулаторната комисија за енергетика на кој претседателот на РКЕ Марко Бислимоски изјави дека проблемот е надминат и оти новите правила на пазарот ќе важат од 1 јануари.

Како што изјави Бислимоски во петокот, сите учесници на пазарот биле повикани да го следат текот на подготовката на новите подзаконски акти и биле информирани оти од 1 јануари тие ќе стапат во сила и дека треба да учествуваат според новите правила.

– Државата го има договорот со „Газпром“ и апсолутно си го почитува до крај. Овој дополнителен капацитет од 500 илјади нормални кубни метри за којшто „Булгартрансгаз“ и ГА-МА помогнаа да се зголеми, ќе биде предмет на аукција и за тој капацитет ќе може да се јават, а и веќе се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас коишто го закупиле. Тие штом го закупиле сигурно дале пари за тоа се и заинтересирани да влезат и на нашиот пазар за природен гас. Значи, тие 800 илјади нормални кубни метри остануваат во функција и „Газпром“ преку компанијата „Макпетрол“ може да ги стави на располагање на македонските потрошувачи, изјави Бислимоски.

Изработката на подзаконските акти е почната од септември и со тоа, според РКЕ, навреме биле запознаени сите засегнати страни, особено од октомври кога беше потпишан договорот меѓу ГА-МА и „Булгартрансгаз“ за зголемување на капацитетот на гасоводот за нови 500.000 нормални кубни метри на досегашните 800.000 нормални кубни метри, кои до 2030 година целосно ги има закупено руски „Газпром“.