Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев вчера истакна дека внатрешна контрола води истрага за тоа зошто, како што посочува, граѓаните не можат да ги подигнат своите готови патни исправи.
Тој посочува дека ова се случувало во последните 30 дена, а претходно граѓаните ги добивале пасошите за 15 дена. Денеска тој со нова објава на социјалните мрежи во која вели дека недозволиво е граѓаните да платат, а готовите пасоши да не им се издадат.
-Во текот на вчерашниот ден поднесов барање до Внатрешна контрола при МВР да го истражат случајот, при што утрово Одделот за внатрешна контрола е влезен во управните служби и постапува. Истрагата предвидува да се провери дали целата процедура е запазена, ако не е, во кој сегмент не е запазена и да се утврдат, условно кажано, виновниците, каде затаила целата постапка, вели Бојмацалиев.
Реакција следуваше од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакнува дека е недозволиво граѓаните да бидат лажени и манипулирани. Нагласува дека во февруари бројот на изработени и подигнати патни исправи од граѓаните во однос на претходните месеци е енормно зголемен.
-Ова е резултат на целосната реорганизација што ја направивме во овој дел. Зошто овие бројки не биле достигнати претходно е прашање кое треба да биде одговорено од други, а во меѓувреме ние ќе продолжиме со работа и со изнаоѓање на решенија кои ќе придонесат за подобрување на сервисот кон граѓаните, посочува Тошковски.
Тошковски објави и дека во февруари биле издадени 57.549 пасоши, додека во јануари бројот на издадени патни исправи бил 39.783.