Владеење на право и правна држава ги нема и секој граѓанин чувствува правна несигурност и затоа луѓето сакаат да си одат од тука, рече адвокатот Панче Тошковски, претседател на Комисијата за прави прашања на ВМРО-ДПМНЕ говорејќи на денешната трибина во рамки на акцијата Пораки од реалниот живот – Ова е Македонија за сите, а насловена Криминал и корупција.

Тошковски посочи дека последниве недели се дополнително интересни затоа што освен што ВМРО-ДПМНЕ како партија што зборуваше за непочитување на принципите на владеење на правото сега за истото говорат и претставници на меѓународната заедница.

„Оттука значи дека ова не е перцепција само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и огромен дел од меѓународната заедница или и таа констатира дека она што ние сме го збореле и тоа како е така“, рече Тошковски.

Адвокатот се осврна на примерите или на случаите во кои претставници на меѓународната зборуваат за корупција и криминал.

„Прво холандскиот амбасадор рече нелегитимно тело, а мислеше на Судскиот совет, а сите знаме каков циркус настана таму. Тој кажа и дека ќе се повлечат сите проекти кои финансираат обуки и јакнење на судството. Тоа е фрапантна изјава, а власта не реагираше. Сега гледаме излегува австрискиот амбасадор и бара помош, јавноста да го сврти вниманието за предмет каде 4.5 милиони евра австриска компанија не може да наплати, и обвинува нотари, обвинители, судот извршители, затоа што компанијата од каде треба да се наплати побарувањето била сопственост на братучетка на екс премиер, Зоран Заев. Пентагон вели дека фокусот треба да е владеење на право и правна држава, имаме црни листи на САД“, посочи Тошковски.

И заклучокот е дека ВМРО-ДПМНЕ не е најгласен, вели тој, туку оној на кој се крстат овие од власта, а тоа е меѓународниот фактор.

„Артан Груби во меѓувреме обвинува медиуми за извртување на јавноста за лажење. Единствен начин каде било кој може да отвори вакво прашање се медиумите и така е зошто не ни остана ниту еден друг институт. Многумина пак кои сакаат јавно да зборуваат за непостапување трпат последици, јавни обвинители кои проговорија добија дисциплински постапки или секој кој ќе ја критикува власта сноси последици“, заклучи Тошковски.