Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, говореше за безбедносните предизвици поврзани со онлајн радикализацијата и борбата против тероризмот, при што откри дека во изминатите две години биле разбиени четири терористички ќелии.
Тошковски посочи дека во истиот период биле реализирани и повеќе од десет случаи поврзани со лица кои биле припадници на одредени терористички групи.
„Предизвиците од аспект на онлајн радикализација, а се поврзани со најтешки кривични дела, како што едното е тероризам, навистина се огромни и за Македонија“, рече Тошковски.
Според него, резултатите се постигнати благодарение на соработката на МВР со Агенцијата за национална безбедност, Обвинителството, како и со стратешките и меѓународните партнери.
„Во изминатите две години имаме одлична соработка со АНБ, Обвинителство и стратешките партнери и меѓународните партнери кои многу ни помагаат. Даде резултат да разбиеме четири терористички ќелии и да реализираме повеќе од 10-тина случаи поврзани со лица кои биле припадници на одредени терористички групи“, истакна министерот.
Тошковски нагласи дека клучно во борбата против тероризмот е институциите да реагираат навреме, односно пред да дојде до извршување на кривично дело.
„Најбитно е државата и МВР да делува предвреме, а не постфестум“, порача тој.
Говорејќи за досега реализираните случаи, министерот посочи дека биле обезбедени докази и основани сомненија за подготовка на конкретни дејствија кои би можеле да ја загрозат безбедноста во земјава и регионот.
„За овие случаи кои ги имаме сработено и те како има основани сомненија и докази во насока на преземање на конкретни дејствија, сè со цел нарушување на безбедноста не само во Македонија, туку и во регионот“, рече Тошковски.
Во однос на последниот случај, во кој беа уапсени пет лица, Тошковски откри дека биле таргетирани лица поврзани со радикални групи и дека при акцијата биле пронајдени оружје, експлозиви и документација поврзана со радикализацијата на групата.
Особено загрижувачки, според него, се сознанијата дека лидерите на групата индоктринирале малолетници со цел да ги вклучат во терористички активности.
„Постојат докази дека лидерите во рамките на оваа криминална ќелија индоктринирале малолетници заради тоа што се малолетници и не одговараат пред законот исто како полнолетни лица да бидат дел од терористички акции, во насока на делување не само во државата, туку и во Европа“, посочи министерот.
Тошковски оцени дека е тешко ваква група да се третира како целосно изолирана без какви било врски со странски фактори.
„Многу е тешко да биде изолирана група без никаква конекција со странски фактор“, рече тој.
Покрај подготовките за извршување на тешки кривични дела, според Тошковски, членовите на последната ќелија биле вклучени и во незаконски активности поврзани со криптовалути.
Тој посочи дека лицата незаконски работеле со биткоини, при што краделе електрична енергија и на тој начин обезбедувале финансиски средства за своите активности.
„Последнава ќелија, освен што се подготвувале за сторување на најтежок тип на кривични дела, истите незаконски работеле и со биткоини, притоа краделе струја и така успевале да обезбедат економски приходи за да може да го тераат она другото“, изјави Тошковски.
Министерот предупреди дека станува збор за лица кои, доколку не бидат навреме откриени и спречени, можат да претставуваат сериозна безбедносна закана.
„Тоа се многу опасни индивидуи кои живеат во свој свет и доколку навремено не бидат разбиени, претставуваат опасност не само за Македонија“, порача Тошковски.
Тој додаде дека продолжува соработката на домашните институции со меѓународните партнери со цел навремено откривање и спречување на процесите на радикализација и евентуалните подготовки за терористички активности.
