Мирна и демократска атмосфера на изборите

Денес граѓаните на Македонија ја користат можноста да го остварат своето право на глас на Локалните избори 2025, избирајќи ги своите градоначалници и советнички листи кои ќе управуваат со единиците на локалната самоуправа. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по гласањето истакна дека изборниот процес се одвива мирно, фер и демократски.

„Имаме стабилна и демократска изборна атмосфера, која очекувам да продолжи во текот на денот. Ги повикувам сите граѓани активно да го остварат своето право на глас и да придонесат за креирање на иднината на локално ниво“, рече Тошковски, нагласувајќи дека над 90 проценти од полициските сили се ангажирани за обезбедување на мирен изборен процес.

Полицијата на терен и контрола на жешките точки

Тошковски информираше дека полицијата е распоредена на сите избирачки места и ги следи познатите „жешки точки“ за да превенира нарушување на јавниот ред.

„Вчера констатиравме четири случаи на потенцијално прекршување на изборниот молк и веднаш преземаме мерки за постапување по нив“, додаде министерот.

Полицијата ќе ги обезбедува гласачките места од 6:00 до 19:00 часот, а по затворањето и за време на сумирањето на резултатите ќе се обезбедува безбедноста на избирачките одбори и доверливиот изборен материјал до предавањето кај општинските изборни комисии, вклучувајќи ја и Изборната комисија на Град Скопје.