Министерот за внатрешни работи гостуваше во емисијата „Заспиј ако можеш“
Министерот за внатрешни работи во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Тв „Алфа“, на прашањето дали продолжува трендот на намален број на сообраќајни прекршоци по воведувањето на системот „Безбеден град“, упати честитки до македонските граѓани бидејќи, како што посочи, сè што се сака и се може.
„Македонските граѓани докажаа дека од 120.000 прекршоци, кои беа детектирани од страна на овие паметни камери кога почна да функционира „Безбеден град во рамки на тест периодот, успеавме таа бројка да ја намалиме на нешто помалку од 500 прекршоци на првиот ден од воведувањето на системот.
И во текот на 02.02.2026 фактичката состојба е иста, односно во 08.00 часот имавме 508 прекршоци на ниво на цела држава односно Скопје, Куманово, Тетово, и долж коридорите 8 и 10, од кои што 454 се за недозволена брзина, 42 за црвено светло, 12 за нерегистирани возила. Значи од прилика ја имаме истата бројка на и првиот ден од воведувањето и сметам дека и вкупната бројка во рамки на еден 24 часовен ден ќе се движи тука некаде од прилика, така што им честитам на совесните македонски граѓани кои навистина решија да го почитуваат законот и решија да покажат дека европски вредности може да имаме и во Македонија, а не само кога ќе одиме во Европската унија затоа што скоро и да нема земја во Европската унија која нема имплементирано еден ваков систем.
Би сакал да напоменам дека со овој систем започнавме одлично, со надеж дека оваа година ќе ги намалиме бројките на сообраќајни незгоди, бројките на повредени лица во сообраќајни незгоди и бројките на загина лица во рамки на сообраќајни незгоди, а тоа беше и клучната круцијална цел зошто се решивме да имплементираме еден паметен систем кој е имплементиран во скоро секоја земја во ЕУ. Ако целта ни е да се стремиме кон земјите членки од ЕУ редно е тоа да го направиме и со дела и со проекти особено проекти кои што спасуваат човечки животи, а Безбеден град е еден таков проект“, дециден беше министерот за внатрешни работи Тошковски, искажувајќи огромна благодарност до сите македонски граѓани кои што како учесници во сообраќајот покажаа дека умеат, сакаат и можат европска вредно да прикажат во пракса во Македонија.
„Овој систем можеле да го применат и претходно, од 2008/09 година е почнато со него имплементирање и се користел повеќе од 15 години за една од намените кои што ги нуди овој систем а тоа е да се користи во рамки на криминалистичко оперативните обработки кои што се спроведуваат од страна на МВР при секојдневни операции кои што и тоа како значително го подобруваат откривачкиот капацитет на МВР.
Но, од старт верував дека македонските граѓани се мудри, сите што живееме на ова тло сме мудар народ кои знае да препознае вистинска вредност и знае да покаже со дела дека може поинаку од претходно, само тоа требаше да го направиме во рамки на системски проекти поддржан од страна на Владата, пратениците во македонското Собрание, поддржан од страна на огромниот број на совесни учесници во сообраќајот. Ние покажавме дека всушност треба да санкционираме на ден околу 500 прекршители на законот во споредба со претходно и навистина мораме да го разграничиме фактот дека се бориме против мал број на несовесни учесници во сообраќајот.
Во Македонија во последните четири години имаме вкупен број на изречени забрани спрема сторители кои што преку МВР се евидентирани и доставени до конкретните сторители, а кои што притоа сториле еден прекршок за да биде изречена забрана за управување со моторно возило со правосилна судска пресуда 55.405 граѓани. Бројот на граѓани кои сторите два прекршока е 7.987. Бројот на граѓани кои имаат правосилна пресуда за забрана за управување на моторно возило е 1.863. Со четири забрани се 677 граѓани, а со пет забрани 291 сторител на прекршоци и двајца со по 40 забрани и сега со овој паметен систем нема да возат така едноставно. Оваа бројка на луѓе околу 3.000 возачи го загрозуваат својот живот и на 2 милиони луѓе во државата“, истакна Тошковски.
Министерот појасни дека претходно на територија на СВР Скопје имало 424 повредни лица во рамки на сообраќајни незгодни, а во последните два месеци имаме 288 лица.
„За 32% имаме намалување на бројот на повредни лица на територија на СВР Скопје. Од аспект на загинати лица претходно имаме 11 смртни случаи, а последните два месеци имаме четири, односно 64% помалку. Самата бројка од 120.000 на прекршоци на 500 прекршоци навистина е неспоредлива и тоа како заслужува да бидеме горди како граѓани сите затоа што резултатите првични од овие два дена навистина наговестуваат дена со овој проект имаме надеж која е видлива и безбедноста ќе ја поткренеме на повисоко ниво“, заклучи министерот за внатрешни работи.
Во однос на борбата против корупцијата и економскиот криминал, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Министерството постапува неселективно и дека резултатите се мерлив доказ за засилената институционална акција.
Тој посочи дека довербата кај граѓаните се враќа токму преку конкретни бројки и споредливи резултати.
„Ако ги споредиме податоците, ќе видиме јасен тренд на зголемена ефикасност. Во 2023 година МВР процесуирало 126 кривични дела поврзани со корупција и економски криминал, во 2024 година таа бројка изнесува 206, а во 2025 година 290 кривични дела, што претставува зголемување од околу 130%. Тоа значи дека борбата не е декларативна, туку реална и мерлива“, истакна министерот Тошковски.
Во однос на сторителите, министерот посочи дека во 2023 година биле опфатени 185 лица, во 2024 година 363, а во 2025 година 678 сторители во случаи поврзани со корупција.
Особено значајна, според него, е разликата во утврдената штета кон буџетот: во 2023 година таа изнесувала околу 5,7 милиони евра, во 2024 година 24 милиони евра, додека во 2025 година достигнала 380 милиони евра.
„Овие бројки покажуваат дека нема заштитени и нема недопирливи. Институциите работат посветено, без разлика за кого станува збор. Законот мора да важи еднакво за сите, а украденото мора да се врати кај граѓаните“, нагласи Тошковски.
Министерот додаде дека 2025 година е историски најуспешна за МВР во изминатите 20 години и во делот на вкупниот криминалитет и во делот на расветлување на кривичните дела, при што стапката на расветленост достигнува 67,2%, што е подобрување од околу 10% во однос на претходните години.
