Денеска во македонското Собрание беа изгласани предложените законски измени на законот за безбедност во сообраќајот изготвени од техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, со што важноста на возачките дозволи со старото име на државата за граѓаните на Република Северна Македонија се продолжува до 31 декември 2024 година. Со овие измени возачките дозволи ќе можат да се употребуваат во Република Северна Македонија и надвор од Република Северна Македонија, вели министерот Тошковски во вечерашното издание на Топ тема на телевизија Телма.

„Возачки дозволи претставуваат основна важечка исправа врз основа дали одредено лице може да управува моторно возило. Доколку не важеа, односно доколку не се случеше она чудо кое што се случи денеска да политичките актери во земјава седнат и се согласат конечно за прашање во интерес на граѓаните, во тој случај ќе беше проблем и немаше да може да бидат употребувани како во странство така и во внатрешноста. Со овие измени возачките дозволи ќе можат да се употребуваат во Република Северна Македонија и надвор од Република Северна Македонија. Зошто? Затоа што истите претставуваат основ за вадење на меѓународна возачка дозвола врз основа на која се легитимираат нашите возачи во странство. Но, основата од каде што се влече правото да се легитимираат е возачката дозвола која што е издадена од страна на нашата држава. Ќе употребам фраза што е позната во јавноста „Како до сега. Нема разлика“, истакнува Тошковски.