Најмалку 12 лица загинаа, а 43 се повредени откако автобус се запали на автопат пред градот Нашик во западна Индија.

– Автобусот се запалил откако се судрил со камион и целосно изгорел. Несреќата се случила околу пет часот по локално време, кога повеќето од патниците спиеле, соопшти полицијата.

Луѓето кои живееле во близина веднаш излегле на местото на трагедијата, но не можеле да помогнат бидејќи целиот автобус веќе бил зафатен од пламен. Акцијата за спасување започнала откако пожарната и полицијата го изгаснале. Причината за пожарот е под истрага.

Премиерот Нарендра Моди рече дека е „скршен“. „Се надевам дека повредените ќе закрепнат што е можно побрзо. Локалната администрација прави се за да им помогне на повредените“, напиша тој на Твитер.

Нашик се наоѓа на 200 километри североисточно од Мумбај, главниот град на државата Махараштра.

Секоја година, стотици илјади луѓе страдаат на патиштата во Индија. Повеќето несреќи се случуваат поради неодговорно возење, лошо одржувана инфраструктура и застарени возила.