Реалноста е дека имаме уценета влада. Најмногу се уценети тие кои го дадоа гласот за оваа влада и очекуваа правда и мир, но тоа не се случи. Секој глас даден за оваа власт испадна дека е глас даден за распродажба на државата. Премиерот Ковачевски е поуценет дури од Зоран Заев. Со оваа нова коалиција СДС нема никаков политички маневар, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов на денешната собраниска седница.
Тој посочи дека ДУИ може да ја собори владата кога сака, го задржува приматот 100% во владата и си реализира 100% партиска политика, а отсега и Алијанса за Албанците ја имаат таа можност да уценуваат.
– Алијанса сами ќе се соочат со фактот дека сите финансии се користени управувани од ДУИ. Кога ќе се обидете да реализирате каков било проект, тој ќе биде стопиран од ДУИ. Имате министер за здравство, ајде да го почнеме Клиничкиот центар. Верувајте тоа нема да се случи. Ќе се најдат милион изговори и прашање е дали и оваа година ќе се направи нешто околу тоа, истакна Трајанов.
Трајанов нагласи дека власта веќе нема контрола над процесите, а криминалот се наоѓа во секој проект, секоја институција дури и кај истрагите.
– Ако се чудите каде е криминалот, ќе кажам директно. Патот Кичево-Охрид, набавка на струја, набавка на јаглен, провизии од сите министерства, провизии од царина, 50% од дрвото продадено на приватни бизнисмени и цената ќе оди нагоре, грантови на фирми кои не заслужуваат, преплатени проекти за да се задоволат идеолози на СДС и ДУИ, истрагите завршуваат со корупција и криминал, рече Трајанов.