„Во врска со нападите од премиерот Димитар Ковачевски, нагласувам дека во текот на вчерашниот ден гласав за повеќе закони и одлуки, но имаше паузи, при што присутното мнозинство пред да влезам во салата каде се одржуваше седницата го гласале и Договорот со ФРОНТЕКС, кој целосно го поддржувам“, изјави денеска пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој вчера ја напушти владејачката коалиција и најави дека ќе дејствува како опозиција во Собранието, пренесува Слободен Печат.

Коментирајќи го потегот на Трајанов, Ковачевски денеска рече дека „се надева оти Трајанов нема да стане заложниик на Димитар Апасиев како што е Христијан Мицкоски“.

Довчерашниот коалициски партнер на Ковачевски имаше коментар и за тој дел од изјавата на премиерот.

„Инаку, околу моето наводно заложништво кон Левица, тоа е ниско ниво на „комуникација“ и на ист начин можам да изјавам дека „се надевам дека господинот Ковачевски не е и нема и понатаму да биде заложник на водството на ДУИ“,“, вели Трајанов.

„Како и досега, немам намера никого да дискредитирам, но подготвен сум да учествувам во сите расправи поврзани со витални прашања битни за граѓаните и државата“, додава тој во реакцијата.