Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вели дека Русија никогаш немало да ја нападне Украина доколку тој бил претседател на САД. Ова Трамп го изјави во интервју за Си-ен-ен, а говорејќи во истиот контекст, тој рече дека доколку повторно биде избран за претседател догодина, ќе преговара за решение на кризата во рок од 24 часа.
„Ако повторно станам претседател, таа војна ќе ја решам за еден ден, за 24 часа. И двајцата претседатели, (Владимир) Путин и (Володомир) Зеленски, имаат слабости и силни страни, но ви велам, во рок од 24 часа, таа војна ќе се реши. Ќе биде готово, ќе биде апсолутно готово“, рече Трамп во интервјуто.
И покрај неколкуте обиди на новинарката на Си-ен-ен, Кејтлан Колинс, да извлече одговор, поранешниот претседател на САД одби да се изјасни кој би сакал да излезе како победник во конфликтот во Украина.
„Не мислам на победа или пораз, мислам на тоа да се реши… Сакам сите да престанат да умираат“, рече Трамп.
Тој не сакаше да одговори конкретно ниту на прашањето дали смета дека рускиот претседател е воен злосторник во контекст на војната во Украина, наведувајќи дека тоа е нешто за кое треба да се разговара подоцна.
„Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако тој биде прогласен за воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, тој ќе се бори многу пожестоко отколку под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна“, рече Трамп.
Сепак, според негова оценка, рускиот претседател направил грешка со влегувањето во Украина.
„Неговата грешка беше што влезе внатре. Тој никогаш немаше да влезе ако јас бев претседател“, рече поранешниот американски претседател.
Трамп претходно најави дека планира да се кандидира за уште еден претседателски мандат на претседателските избори во САД кои треба да се одржат во ноември следната година. Во прилог на ова оди и поддршката што ја има во таборот на Републиканската партија.
Во врска со војната во Украина, анкетите, како што наведува Би-би-си, покажуваат сè поголема огорченост кај републиканците поради американската поддршка на Киев.
Иако некои републикански функционери и администрацијата на Бајден ветија континуирана поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски, сè појасно е дека второто претседателство на Трамп, доколку се случи, ќе означи решителна промена во американската политика, оценува британскиот национален сервис.