Трамп ги удвојува царините за челик и алуминиум: ЕУ и другите партнери веќе бараат договори за да ги избегнат новите давачки
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека двојно ќе ги зголеми постоечките царини за увоз на челик и алуминиум, потег кој предизвика силни реакции на домашен и меѓународен план. Наместо досегашните 25%, новите царини ќе достигнат 50% од вредноста на стоката, и треба да стапат на сила на 4 јуни, соопшти Белата куќа.
Говорејќи пред работници во фабрика за челик во Пенсилванија, Трамп изјави дека новите мерки имаат за цел да ја зајакнат американската челична индустрија.
Никој нема да може да ги избегне – рече тој, додавајќи дека царините се неговото омилено оружје во борбата против трговскиот дефицит.
Кратко по говорот, Трамп на платформата Truth Social најави дека и алуминиумот ќе добие иста царинска рамка од 50%. Засега не е јасно дали ќе има исклучоци за партнери како Канада и Мексико, иако досега такви исклучоци не беа правени.
Во исто време, американските судови сѐ уште ги разгледуваат законитоста на бројни царински одлуки донесени во текот на првиот мандат на Трамп. Апелациониот суд неодамна ја поддржа неговата политика, но се очекува конечното решение да стигне до Врховниот суд.
Преговори под притисок: ЕУ се обидува да избегне економски удар
Трговската политика на Трамп предизвикува силни нарушувања на глобалните пазари, особено поради најавената нова универзална давачка од 10% на речиси целиот увоз. Најголемиот удар би можеле да го почувствуваат главните трговски партнери на САД, вклучувајќи ја Кина, Европската унија и Јужна Кореја.
Европската унија веќе е во преговори со САД за да се избегнат новите царини. Трамп ги суспендираше царините за ЕУ до почетокот на јули, за да остави простор за договор. САД се особено важен купувач за европската челична индустрија, со четири милиони тони увезен челик од ЕУ само во 2023 година, од кои една четвртина е германско производство.
Додека Германија и другите земји се обидуваат дипломатски да издејствуваат олеснување, американските синдикати внимателно ги следат преговорите за преземањето на УС Стил од страна на јапонската Нипон Стил. Трамп изјави дека компанијата „ќе остане под американска контрола“, но синдикатите предупредуваат дека нема гаранции против отпуштања и аутсорсинг.
Според критичарите, оваа агресивна трговска офанзива може да ги зголеми трошоците за производство, да предизвика контрамерки и да ги влоши односите со сојузниците, токму во време кога глобалната економија се обидува да стабилизира по години на турбуленции.