Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини членките на НАТО дека направиле глупава грешка затоа што одбиле да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини членките на НАТО дека направиле глупава грешка затоа што одбиле да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец, низ кој пред војната минувала околу една петтина од светската нафта.
Говорејќи вчера во Овалната соба, Трамп изјави дека повеќето сојузници го информирале дека не сакаат да се вмешаат во конфликтот. Тој посочи дека не му е потребна помошта од НАТО, но дека сојузниците требало да бидат присутни, оценувајќи го нивното двоумење да испратат бродови за во Персискиот Залив како неправедно.
На изјавите на Трамп реагираше лорд Питер Рикетс, поранешен постојан претставник при НАТО и поранешен претседател на Советот за национална безбедност на Обединетото Кралство, пренесе Би-Би-Си.
Тој изјави дека Трамп целосно погрешно го разбира НАТО, кој е основан како одбранбен сојуз.
„Ова е војна што Америка сама ја избра. Никој не нѐ консултираше. Никогаш не било дел од договорот на НАТО сојузниците да ја следат Америка во која било војна што таа ќе одлучи да ја започне“, појасни Рикетс.
Рикетс смета дека Трамп всушност испраќа порака дека ако САД ги поддржуваат земјите на НАТО во нивниот регион, тогаш очекуваат поддршка и на други места. Тој заклучи дека ситуацијата е „повик за будење за сите европски земји“ да започнат потесна соработка.
