Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе го постави поткастерот и поранешен главен оперативен директор на „Пејпал“ (PayPal), Дејвид Сакс, за „цар за вештачка интелигенција и криптовалути во Белата куќа“.

Трамп одлуката ја соопшти на неговата платформа Трут соушл (Truth Social) каде што, меѓу другото, наведе дека вештачката интелигенција (ВИ) и криптовалутите се две области клучни за иднината на американската конкурентност.

Сакс, кој важи за човек од доверба на милијардерот Илон Маск, ќе биде задолжен САД да станат јасен лидер на светскиот пазар во бизнисот со вештачка интелигенција и дигитални валути.

„Дејвид ќе се фокусира на тоа Америка да стане глобален лидер во двете области. Тој ќе ја брани слободата на говорот на интернет и ќе нè оддалечи од предрасудите и цензурата на големите технолошки компании“,рече Трамп. 

Сакс, исто така, ќе биде задолжен за создавање правна рамка за криптоиндустријата со цел таа да може да напредува во САД, а ќе го предводи и советодавниот одбор на идниот претседател за наука и технологија.

Маск и Сакс беа големи поддржувачи на претседателската кампања на Трамп, кои собираа и донираа милиони американски долари. Сега, како што пишува „Гардијан“, Трамп продолжува со шемата на наградување на неговите големи донатори доделувајќи им функции во неговата идна администрација.

Од победата на Трамп на изборите на 5 ноември, инвеститорите во биткоин слават откако вредноста на дигиталната валута се искачи од 70 000 долари пред американските избори во ноември на највисоко ниво од над 100 000 долари оваа недела.

Еуфоријата беше поттикната од најавата на Трамп дека ќе го постави застапникот за дигитални валути Пол Аткинс за шеф на моќната американска Комисија за хартии од вредност.