Неочекувана ескалација на конфликтот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не предвидел Иран да одговори на нападите со проширување на конфликтот кон земјите од Персискиот Залив. Тој оцени дека ваквиот развој на настаните претставува неочекувана ескалација, која го прошири конфликтот надвор од првичните рамки.

„Погледнете како неочекувано ги нападнаа сите овие земји околу нас. Тоа не требаше да се случи. Никој дури и не помисли на тоа. Тие сакаа да го преземат Блискиот Исток и трајно да го уништат Израел. Ако имаа нуклеарно оружје, можеа да го сторат тоа,“ изјави Трамп пред новинарите во Палм Бич, пред да замине за Мемфис.

Конфликтот започна на 28 февруари, кога САД и Израел извршија координирани воздушни напади врз цели во Иран, вклучително воени објекти и инфраструктура, што доведе до најголема ескалација во регионот во последните децении.

Напади врз бази и инфраструктура

Иран веднаш возврати со бран балистички ракети и беспилотни летала, насочени не само кон Израел, туку и кон американските бази и сојузници во регионот. Нападите брзо се проширија надвор од границите на двете земји.

Во првите часови од одмаздата, таргетирани беа американските бази во Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Истовремено, ракетите и беспилотните летала беа насочени и кон Саудиска Арабија, како и кон клучна инфраструктура во регионот.

Продолжување на нападите и регионални последици

Нападите продолжија и во следните денови, при што Иран лансираше нови ракети и беспилотни летала кон Израел и земјите од Персискиот Залив. Воедно, беа погодени енергетски и транспортни објекти, што дополнително ја зголеми нестабилноста во регионот.

Овие случувања влијаат врз безбедносната состојба и претставуваат ризик за глобалните синџири на снабдување, особено во делот на енергетиката и транспортот.