Новиот американски претседател Доналд Трамп победи и во сојузната држава Аризона, со што оствари победа во сите седум клучни, таканаречени „свинг“ држави, пренесува Си-би-ес њуз.

Со победата во Аризона, Трамп освои 11 електорски гласови и има вкупно 312, додека неговата ривалка Камала Харис освои 226 електорски гласови.

Трамп победи и во Аризона во 2016 година, кога прв пат беше избран за претседател на САД. На изборите во 2020 година, Аризона сепак „ја доби“ Џозеф Бајден.

Покрај Аризона, Трамп освои уште шест клучни држави: Мичиген, Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Висконсин и Невада.

Победата на претседателските избори во Америка оди во рацете на кандидатот кој ќе освои најмалку 270 електорски гласови. Трамп треба официјално да ја преземе новата функција на 20 јануари.

Доналд Трамп им вети на Американците дека ќе го подобри нивниот животен стандард со намалување на даноците. Републиканецот, исто така, рече дека ќе изврши „масовна“ депортација на мигрантите кои се илегално во земјата.