Американски суд нареди авторката Е. Џин Керол да ги добие парите што Доналд Трамп ги депонирал по пресудата од 2023 година. Станува збор за околу 5,8 милиони долари, со пресметана камата.

Судијата Луис Каплан одлучи средствата да бидат ослободени од судската сметка на која биле чувани додека траела жалбената постапка.

Плаќањето следува откако пропаднал обидот на правниот тим на Трамп дополнително да ја одложи исплатата. Неговите адвокати барале време за да побараат преиспитување на случајот пред Врховниот суд на САД, но тоа барање било одбиено.

Поротата во Њујорк во мај 2023 година утврди дека Трамп е одговорен за сексуален напад врз Е. Џин Керол во средината на 1990-тите во стоковната куќа „Бергдорф Гудман“ на Менхетен.

На Керол ѝ беа доделени 5 милиони долари отштета поради сексуалниот напад и клеветата што следела откако Трамп јавно ги отфрлил нејзините обвинувања.

Керол, долгогодишна американска новинарка, колумнистка и писателка, тврдеше дека Трамп сексуално ја нападнал во гардероба на стоковната куќа. Откако јавно ја изнесе приказната, Трамп ги отфрли обвинувањата и ја обвини дека измислува, по што таа покрена тужба за сексуален напад и клевета.

Трамп постојано ги негира обвинувањата на Керол и тврди дека случајот е политички мотивиран.

Судијата Каплан не навел кога точно средствата ќе бидат префрлени на сметката на Керол. Наредбата, сепак, овозможува процесот да започне веднаш.

Е. Џин Керол денес има 82 години.