Американскиот претседател Трамп вчера прогласи состојба на елементарна непогода на Флорида, како одговор на претходните поплави во кои беа оштетени стотици куќи и беа спасувани луѓе од надојдените води. На прашањето дали сојузната влада ќе обезбеди помош поради силното невреме што го погоди Источниот Брег, Трамп посочи дека надлежните ќе ја разгледаат ситуацијата со оглед на тоа што веќе пристигнуваат барања и од други погодени региони.
Силни невремиња, обилни дождови, силни ветрови и поплави зафатија голем дел од територијата на САД токму за време на празникот Денот на благодарноста. Овие непогоди целосно ги нарушија празничните патувања и оставија повеќе од 900.000 семејни домаќинства и деловни субјекти без снабдување со електрична енергија.
Поради екстремните временски услови, организаторите за првпат во историјата беа принудени да ја одложат традиционалната празнична парада „Мејси“ во Њујорк.
Според официјалните податоци на специјализираната платформа PowerOutage.us, повеќе од 900.000 корисници се соочиле со прекин на струјата, а најголеми дефекти се регистрирани во сојузните држави долж Источниот Брег.
Авиосообраќајот исто така претрпе сериозни удари. Податоците од сервисот FlightAware покажуваат дека над 2.200 домашни летови се соочиле со доцнење, додека повеќе од 400 лета биле целосно откажани.
Поројните врнежи и ураганските ветрови наметнаа прогласување на вонредна состојба во Њу Џерси и во одредени подрачја на Њујорк. Националната метеоролошка служба издаде итни предупредувања за силен ветер од северна Џорџија, преку поголемиот дел од средноатлантските држави, сè до јужниот појас на Нова Англија.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, соопшти дека екипите за спасување морале да извлекуваат граѓани од возила заглавени во надојдената вода. Силниот ветер и поплавите го попречија железничкиот сообраќај, корнеа дрвја и предизвикаа кинење на електричната мрежа, при што паднаа и неколку градежни скелиња, но нема регистрирано повредени лица.
Плимниот бран создаде поплави во крајбрежните зони од Северна Каролина до Њу Џерси. Многу патни правци се затворени за сообраќај, а спасувачите постојано интервенираа кај заглавени возачи. Администраторот на општината Авалон во Њу Џерси, Скот Џ. Вол, оцени дека населбата се соочува со една од најтешките поплави во историјата, иако штетите не се од размерите на ураганот Сенди, додека во Оушен Сити нивото на водата надмина 30 сантиметри.
Поради опасните услови на патиштата беа затворени клучни делници и мостови. Речиси 29 километри долгиот мост-тунел преку заливот Чесапик во Вирџинија беше привремено блокиран поради опасни налети на ветер. Во Северна Каролина, патот NC 12, кој претставува единствена копнена врска на островот Хатерас, беше поплавен откако силните морски бранови ги пробија песочните дини.
Во сојузната држава Мериленд над два милиони корисници на водоводот во окрузите Монтгомери и Принс Џорџ добија апел рационално да ја трошат водата поради прекините во електросистемот на пумпните станици. Во Балтимор полициските патроли блокираа неколку улици поради излевање на водата во крајбрежните квартови.
Невремето формираше услови за краткотрајни торнада, вклучително и ретка таква појава регистрирана југоисточно од градот Сиетл во државата Вашингтон.
Трамп веќе потпиша декрет за елементарна непогода на Флорида поради претходните поплави каде беа поплавени стотици објекти, а федералните служби ја следат состојбата на Источниот Брег за евентуална дополнителна финансиска помош.
Спротивно на врнежите и поплавите на крајбрежјата, во централниот дел на земјата паднаа обилни снежни врнежи. Во Сент Луис во државата Мисури се измерени 18,5 сантиметри снег, додека во Сент Џеневив висината на снежната покривка достигна 35,5 сантиметри. Во Венцвил, исто така во Мисури, под тежината на снегот се урна покривот на спортска сала наменета за хокеј, но нема настрадани бидејќи објектот бил празен во текот на ноќните часови.
На пацифичкиот брег високите плимни бранови предизвикаа излевања на океанот од округот Хамболт во северна Калифорнија сè до округот Вентура крај Лос Анџелес. Овие појави наложија локални евакуации, а метеоролозите предупредуваат дека ризикот од поплави ќе продолжи и во текот на денешниот ден.
