Трамп изјави дека очекува Куба наскоро да се распадне
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува Куба наскоро да се распадне, велејќи дека Венецуела, нејзиниот поранешен главен снабдувач, повеќе не испраќа нафта или пари на островот. Коментарите на Трамп доаѓаат по неодамнешната американска воена операција во Венецуела, објави Ројтерс.
Откако американската војска го уапси венецуелскиот претседател Николас Мадуро во смртоносен напад претходно овој месец по наредба на Трамп, американскиот претседател најави притисок врз кубанското раководство. Тој вети дека ќе го прекине протокот на нафта и пари од Венецуела, долгогодишниот сојузник на Куба.
„Куба наскоро ќе се распадне. Тоа е нација која е многу блиску до колапс“, им рече Трамп на новинарите.
„Тие порано добиваа пари и нафта од Венецуела. Сега веќе не го добиваат тоа“, додаде тој.
Трамп рече дека Вашингтон ќе ја „води“ Венецуела, каде што поранешната потпретседателка на Мадуро, Делси Родригез, стана привремена претседателка и управува со земјата под надзор на САД.
Канцеларијата на ОН за човекови права оцени дека нападот на САД во кој беше уапсен Мадуро е кршење на меѓународното право.
Реагирајќи на предлогот на Трамп островот да постигне договор со САД, кубанскиот претседател претходно овој месец изјави дека Вашингтон нема морален авторитет да ѝ наметне договор на Куба.
