Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се обрати на комеморацијата во Пентагон по повод 25-годишнината од терористичките напади врз Соединетите Американски Држави. Тој порача дека Америка никогаш нема да ги заборави жртвите од 11 септември 2001 година и дека борбата против тероризмот продолжува.
Трамп изјави дека денеска им се оддава почит на сите припадници на американската војска што служеле во војната против тероризмот. Тој ги спомена и војниците кои во моментов се ангажирани за да обезбедат Иран, кој го нарече „најголем спонзор на тероризмот во светот“, никогаш да не се здобие со нуклеарно оружје.
Американскиот претседател рече дека комеморацијата е посветена и на сеќавањето на тоа „како Америка одговори на тоа зло“, мислејќи на тероризмот, објави „Скај њуз“.
„Во тие тешки денови по нападот, го видовме вистинскиот дух на нашата нација. Тој ден, сите бевме њујорчани. Секој од нас. Сите бевме њујорчани, но во исто време бевме и Американци. Сите бевме едно семејство“, рече Трамп.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави никогаш нема да ги заборават нападите од 11 септември и дека токму поради тоа земјата и денес продолжува да се бори против тероризмот.
„Затоа се бориме денес. Немаме избор. Постои само победа. Се бориме жестоко. Се бориме за победа“, заклучи Трамп.
Комеморативната церемонија во Њујорк по повод 25-годишнината од терористичките напади, извршени од Ал Каеда на 11 септември 2001 година, започна со минута молк. Во нападите загинаа околу 3.000 лица.
На комеморацијата во Њујорк присуствуваат сите поранешни американски претседатели и голем број други високи функционери, додека Трамп се обрати на одбележувањето во Пентагон.
