Американскиот Стејт департмент понуди награда до 10 милиони долари за информации што би помогнале во лоцирањето на клучни лидери на Ал Каеда. Повикот беше објавен на 25-годишнината од терористичките напади врз Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година.
„Бомбардирање на американски амбасади. Напади врз американски војници. Убивање на невини цивили. Помогнете да се запрат овие терористи. Поднесете дојава“, објави на платформата Икс програмата „Награди за правда“ на Стејт департментот.
Во соопштението се бараат информации за осум лица кои Стејт департментот ги означува како високи лидери на Ал Каеда. Според американските власти, организацијата го користи Иран како безбедно засолниште од кое спроведува насилни дејствија против САД и нивните сојузници.
Од Стејт департментот наведуваат дека лицата што ќе достават корисни информации би можеле да добијат парична награда, како и можност за преселување.
На 11 септември 2001 година, припадници на Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони. Два од авионите удрија во кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк, а третиот во Пентагон.
Четвртиот авион се урна во близина на Шанксвил, во американската сојузна држава Пенсилванија. Во терористичките напади загинаа околу 3.000 луѓе.
Дваесет и петтата годишнина од нападите се одбележува низ Соединетите Американски Држави со комеморативни собири, минута молчење и читање на имињата на жртвите.
