Трамп најави „дивиденда“ од најмалку 2.000 долари по граѓанин

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека владата ќе исплати „дивиденда“ од најмалку 2.000 долари по лице на повеќето граѓани на САД. Информацијата ја соопшти преку својата платформа Truth Social, пренесе ДПА.

Трамп наведе дека само граѓани со високи приходи ќе бидат исклучени од мерката, но не прецизираше кои се тие приходи ниту кога би можела да започне исплатата.

Во својата објава, американскиот претседател ја пофали економијата на САД, нагласувајќи дека царините ќе донесат „трилиони долари“ кои наскоро ќе можат да се искористат за намалување на државниот долг.

– „Луѓето кои се против царините се будали!“ напиша Трамп, додавајќи дека Соединетите Држави се „најбогатата и најпочитуваната земја во светот“, со „речиси никаква инфлација и рекорден берзански индекс“.

Американскиот претседател и во минатото ја спомена идејата за директна исплата на пари на граѓаните, но тогаш мерката не беше реализирана.