Американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста американските сили да останат во Иран и по завршувањето на војната, како и САД да ја задржат контролата врз иранската нафта. За време на посетата на Ирска, тој изјави дека конечната одлука ќе зависи од договорот што ќе биде постигнат со Техеран.

Трамп повтори дека очекува војната со Иран да заврши до крајот на оваа година. Како можна временска рамка го посочи и периодот по изборите за американскиот Конгрес во ноември.

Говорејќи на Ирското отворено првенство во голф, американскиот претседател оцени дека цените на горивата „драстично ќе паднат“ веднаш по завршувањето на војната со Иран.

Тој нагласи дека Вашингтон ќе прифати само договор што американската страна го смета за вистински и корисен. Според Трамп, Иран „постојано повикува“ на мировни преговори.

Американскиот претседател ја спомена и можноста американските сили да останат присутни во Иран, споредувајќи го таквото сценарио со договорот меѓу САД и Венецуела, кој беше најавен во август.

„На крајот ќе излеземе од Иран, освен ако не одлучиме да останеме и да ја задржиме нафтата, како во случајот со Венецуела“, изјави Трамп.

Тој додаде дека приходите што Соединетите Американски Држави ги остваруваат од Венецуела „повеќекратно ја исплатиле војната“.