Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека иранскиот режим досега немал противник како претседателот Доналд Трамп, кој, според него, е подготвен да преземе конкретни чекори за спречување на Техеран да развие нуклеарно оружје.

Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио изјави дека Иран во изминатите две до три децении бил навикнат меѓународната заедница, вклучително и САД, да толерира негови постапки, како измами, прекршување на договори и избегнување на преземените обврски. Неговите изјави ги пренесе Стејт департментот.

Според Рубио, крајната цел на Техеран била развој на нуклеарно оружје, паралелно со создавање силен конвенционален ракетен систем кој би му обезбедил заштита од можен воен одговор.

Тој посочи дека администрацијата на Трамп успеала да го спречи таквото сценарио, наведувајќи дека американските дејствија ги уништиле иранската морнарица, воздухопловството, противвоздушната одбрана, ракетните лансирни системи и капацитетите за производство на воена опрема. Според него, со тоа значително биле намалени одбранбените способности на Иран.

Рубио нагласи дека Техеран сè уште располага со ракети и беспилотни летала и може да предизвика штета, но дека повеќе нема конвенционален заштитен систем зад кој би можел да се крие.

Токму поради тоа, како што рече, Иран сега е поподготвен за договор за денуклеаризација и за прашањата поврзани со теснеците, бидејќи САД во преговорите настапуваат од позиција на сила.

Говорејќи за евентуална промена на власта во Иран, американскиот државен секретар изјави дека тоа никогаш не било цел на политиката на Вашингтон, но дека иранскиот режим мора да го промени своето однесување.

„Иранскиот режим не сака само да управува со Иран, туку настојува да го шири своето влијание во регионот и да извезува револуција. Тоа мора да се промени, а единствен начин да се постигне тоа е цената на таквата политика за Техеран да стане превисока“, изјави Рубио.

Тој посочи дека арапските земји од Персискиот Залив долго време биле свесни за заканата што ја претставува Иран, но дека таа, според него, станала реалност откако нивните територии и енергетска инфраструктура биле цел на напади.

Рубио оцени дека една од долгорочните последици од актуелната состојба ќе биде промената на глобалните енергетски текови и намалувањето на зависноста од Ормутскиот Теснец.

Во однос на соработката меѓу Русија и Иран, државниот секретар на САД рече дека таа не претставува пречка за американските цели на Блискиот Исток, но додаде дека Вашингтон внимателно ги следи сите активности поврзани со двете земји.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Рубио изјави дека администрацијата на Трамп останува подготвена да се вклучи во напорите за завршување на конфликтот доколку се создаде можност за тоа.

Тој оцени дека состојбата на бојното поле во последните месеци се променила, бидејќи украинските сили сега можат да изведуваат напади со долг дострел длабоко на руска територија, со што војната, како што рече, се приближила до руското население.

Во врска со Кина, Рубио повтори дека САД сакаат стабилни односи со Пекинг, но дека нема да дозволат Кина да стане најмоќната држава во светот на сметка на американските интереси.

За Тајван, тој го потврди ставот на Вашингтон против каква било насилна промена на постојниот статус.

На крајот, Рубио се осврна и на состојбата во Куба и Венецуела. Тој ја означи Куба како сериозна закана за националната безбедност на САД поради, како што наведе, шпионажа и операции за политичко влијание.

За Венецуела порача дека е потребно време за воспоставување демократски процеси, при што крајната цел треба да бидат легитимни избори на сите нивоа, национално помирување и економско закрепнување.