Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја нападна италијанската премиерка Џорџа Мелони, тврдејќи дека повеќепати барала да се фотографира со него на Самитот на Г7 во Франција. Според него, таа тоа го правела за да ја зголеми својата опаѓачка популарност во Италија.

Трамп реагираше откако Мелони ги отфрли неговите претходни тврдења, пренесени во медиумите, дека го „преколнувала“ за заедничка фотографија на Самитот. Италијанската премиерка ги нарече таквите наводи целосно измислени и рече дека е „вчудоневидена“ од таквите информации.

„Ниту Италија, ниту јас молиме“, изјави Мелони.

По ова беше откажана и планираната посета на италијанскиот министер за надворешни работи на Вашингтон.

Трамп денеска на својата социјална мрежа „Трут соушал“ повторно ги изнесе истите тврдења.

„Италијанската премиерка Џорџа Мелони одново и одново бараше да се фотографира со мене за време на Самитот на Г7 во Франција. Таа стои лошо во Италија според рејтингот на популарност, можеби затоа што ги одби САД, кои навистина ја сакаат и ја штитат Италија“, напиша Трамп.

Тој потсети дека Мелони не им дозволила на САД да ги користат италијанските аеродроми и писти за слетување за време на конфликтот против Иран. Според Трамп, тоа било „логистички многу незгодно“, иако САД, како што наведе, издвојуваат стотици милијарди долари годишно за заштита на Италија и другите „таканаречени“ сојузници во НАТО.

„Сега кога САД воено го поразија Иран, таа повторно сака да биде пријател, за да си ја зголеми поддршката. Не, благодарам“, напиша Трамп.

Мелони долго време важеше за една од најблиските сојузнички на Трамп во Европа. Таа настојуваше да посредува меѓу често спротивставените интереси на неговата администрација и Европската Унија.

Двајцата лидери имаат слични ставови за ограничување на миграцијата и промовирање на традиционалните вредности. Сепак, разликите меѓу нив станаа поочигледни откако Трамп ја намали американската поддршка за Украина, а Мелони ги критикуваше неговите ставови за можноста Гренланд да биде преземен со сила од Данска.

Дополнителни тензии се појавија и по одбивањето на Италија, како и на други членки на НАТО, да им помогнат на САД и на Израел на почетокот на војната против Иран на 28 февруари.