Трамп: САД нема да распоредат трупи во Венецуела ако Делси Родригез соработува

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави нема да стационираат војници во Венецуела доколку потпретседателката Делси Родригез соработува со Вашингтон, додавајќи дека не се планира воена акција против Куба.

Нема трупи доколку има соработка

Во интервју за New York Post, Трамп одговори негативно на прашањето дали американски трупи ќе бидат распоредени на терен и ќе учествуваат во управувањето со земјата, нешто што претходно го најави.
„Не, ако потпретседателката на Мадуро, ако Родригез го прави она што го бараме, тоа нема да биде потребно“, изјави Трамп, додавајќи дека американската војска е подготвена за „втор бран“ кој, според него, би бил „многу поголем од првиот“.

Родригез како привремена лидерка

Американскиот претседател истакна дека со Родригез разговарале повеќепати и дека таа, како што рече, „ја разбира ситуацијата“. Според неговите зборови, Родригез веќе положила заклетва како привремена лидерка на Венецуела.

„Куба ќе падне сама од себе“

Трамп нагласи дека не размислува за воена акција против Куба, оценувајќи дека земјата е во лоша состојба и дека во голема мера зависела од Каракас.
„Не, Куба ќе падне сама од себе. Таа секогаш беше многу зависна од Венецуела. Оттаму добиваа пари и ја штитеа Венецуела, но во овој случај тоа не заврши добро“, изјави Трамп, додавајќи дека не го знае точниот број на кубански и венецуелски сили кои ги загубиле животите во нападите врз Каракас.

САД денеска извршија воздушни напади врз Венецуела, а Трамп објави дека американски специјални единици го уапсиле претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес и ги извеле од земјата. Претходно, американската државна обвинителка Пам Бонди соопшти дека брачниот пар Мадуро ќе се соочи со обвинение подигнато од суд во Њујорк.