Трамп порачува: „Немаме врска со нападот“, но предупредува на жесток одговор
Додека светот будно следи како конфликтот меѓу Израел и Иран се шири, американскиот претседател Доналд Трамп се огласи со остро предупредување до Техеран. Во порака објавена на платформата Truth Social, тој потенцира дека САД немаат никаква поврзаност со најновиот израелски напад врз Иран, но истовремено најави дека секој ирански напад врз американски цели ќе предизвика одговор со „невидена сила“.
„Ако Иран нѐ нападне на кој било начин, целата сила и моќ на вооружените сили на САД ќе се спуштат врз вас на нивоа што не се видени досега“, напиша Трамп, додавајќи: „Сепак, лесно можеме да постигнеме договор меѓу Иран и Израел и да го завршиме овој крвав конфликт!“, порача тој преку својата официјална објава.
Израел го гаѓа Министерството за одбрана во Техеран, Иран најавува продолжување на нападите
Израелските воздушни сили продолжија со нападите и во текот на ноќта. Преку официјални канали на социјалните мрежи објавија дека гаѓале локации во Техеран – вклучувајќи го седиштето на Министерството за одбрана, место поврзано со нуклеарен проект, како и „дополнителни цели“. Израел тврди дека овие акции се неопходни за да се спречи Иран да развие нуклеарна бомба.
Иран пак, останува цврст во ставот дека неговата нуклеарна програма е наменета исклучиво за цивилна употреба. Прочитајте повеќе од веста во продолжение:
Израел и Иран на раб на целосна војна: Трамп тврди дека „договор лесно може да се постигне“
Официјалните ирански власти сè уште не објавиле точен број на жртви од нападите. Израелските извештаи велат дека најмалку осум луѓе, вклучувајќи цивили, се убиени при удари врз станбени згради.
Ирански генерал: „Конфликтот нема да заврши тука – ќе се прошири кон американските бази“
Воената реторика не стивнува. Според новинарската агенција Фарс, висок ирански воен претставник изјавил:
„Овој конфликт нема да заврши со ограничени потези. Иранските напади ќе продолжат“, притоа најавувајќи дека Техеран планира да го прошири фронтот кон американски бази во регионот во наредните денови.
Овие закани ја зголемуваат тензијата околу можната регионална ескалација. Тоа е можно со оглед на присуството на американски сили на стратешки локации на Блискиот Исток.