Трамп со рекордно богатство од 5,5 милијарди долари
Доналд Трамп е побогат од кога било досега, со проценето рекордно богатство од 5,5 милијарди долари според „Форбс“, но критичарите предупредуваат дека до оваа сума стигнал преку мешање на политиката со приватниот бизнис. По неговиот реизбор, претседателот и неговото семејство инкасираа милијарди долари од обврзници, акции, криптовалути и недвижности.
Официјалните податоци од Канцеларијата за владина етика покажуваат дека Трамп само од почетокот на 2025 вложил над 600 милиони долари во корпоративни и државни обврзници преку повеќе од дваесет трансакции. Дел од компаниите во кои инвестирал – „Ситигруп“, „Морган Стенли“, „Мета“, „Т-Мобајл САД“, „Хоум Депо“ – се директно засегнати од неговите економски политики.
Неговиот удел во „Нвидија“ и „Епл“ се проценува на над еден милион долари по компанија. Вредноста на тие акции растеше веднаш по неговите одлуки за извоз на чипови и царински олеснувања, што ја засили дебатата за конфликт на интереси.
Семејниот бизнис со недвижности се прошири на Блискиот Исток – „Трамп Тауер“ во Џеда, проекти во Катар и Дубаи, вклучително и голф-терени и облакодери. Во меѓувреме, криптовалутите донесоа најголеми приходи: околу една милијарда долари во последните девет месеци, дел и преку сопствениот „Трамп-Мим-Коин“.
Дополнителна полемика создава фактот што Трамп одби да го префрли своето богатство во „слеп фонд“ – за разлика од повеќето претходни претседатели. Наместо тоа, неговите финансии ги управуваат неговите деца, што според критичарите ја брише границата меѓу функцијата и приватниот интерес.
Новинарот Дејвид Киркпатрик во „Њујоркер“ пресмета дека семејството Трамп од почетокот на првиот мандат заработило повеќе од 3,4 милијарди долари, со зделки што речиси сигурно не би постоеле ако Трамп останеше само бизнисмен.