Трамп тврди дека САД ја преземаат контролата, а Иран го затвори стратешкиот морски премин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ја преземаат контролата врз Ормуската Теснина, откако Иран објави дека привремено го затвора преминот низ овој стратешки важен воден пат поради, како што наведе, „непријателските активности на американските сили“.

„Ја преземаме теснината. Тие немаат ништо“, изјави Трамп во телефонско вклучување во емисијата „Фокс енд Френдс“ на „Фокс њуз“.

Тој оцени дека Соединетите Американски Држави требало да се соочат со, како што рече, „иранската закана“ уште пред 47 години.

Трамп: „Сè беше договорено, а потоа почнаа да бараат промени“

Зборувајќи за претходните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, Трамп рече дека иранските претставници одржале 11-часовен состанок и дека договорот бил практично постигнат.

„Сè било договорено, а потоа почнале да бараат промени“, рече Трамп.

Тој додаде дека Иран, според него, „добива удар“ во конфликтот со САД и тврдеше дека иранската морнарица, воздухопловните сили и ракетните капацитети се речиси целосно уништени.

Американскиот претседател исто така изјави дека во конфликтот биле убиени и „одделни ирански лидери“.

Преминот низ Ормуската Теснина е привремено затворен

Трамп повтори и дека прекинот на огнот со Иран е завршен, откако САД продолжија со воздушните напади врз ирански цели.

Во меѓувреме, Иранската управа за Персискиот Залив и Ормуската Теснина соопшти дека пловидбата низ Ормуската Теснина е привремено прекината.

„Поради неодамнешните непријателски активности на американските сили, преминот низ Ормуската Теснина во моментов не е изводлив. Штом ќе се вратат стабилноста и мирот, сите барања ќе бидат разгледани според закажаниот распоред, а процесот на издавање дозволи ќе продолжи“, се наведува во соопштението објавено на Икс.

Од иранската управа посочија дека дозвола за премин може да се добие единствено преку нивната официјална интернет-платформа и ги повикаа корисниците да ги следат најновите известувања.