Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува конфликтот со Иран да заврши во блиска иднина и порача дека другите земји треба сами да го решат прашањето со Ормутскиот теснец.

Во изјава за „Њујорк пост“, тој нагласи дека САД нема да останат долго ангажирани во операциите.

„Нема да бидеме таму долго. Целосно ги разнесуваме во моментов, тоа е тотално уништување“, рече Трамп, додавајќи дека акциите ќе продолжат додека не се уништат офанзивните капацитети на Иран.

Тој посочи дека теснецот, кој според него е затворен 31 ден, треба да го отворат земјите што го користат.

„Па, мислам дека ќе се отвори автоматски. Мојот став е овој: Јас ја уништив таа земја. Тие веќе немаат моќ. Земјите што го користат протокот сега нека одат и нека го отворат… Претпоставувам дека кој и да ја контролира нафтата ќе биде многу среќен да го отвори теснецот“, изјави Трамп.

Изјавите следуваат откако тој објави видео од експлозии во близина на Исфахан, за кои тврди дека погодиле значајни цели. Сепак, одби да прецизира што точно било погодено.

„Би сакал да не зборувам за тоа, но наскоро ќе дознаете. Беа доста големи, нели?“, рече тој, додавајќи дека експлозијата била поголема од очекуваното.

Трамп оцени дека со нападите се уништуваат нуклеарните капацитети на Иран и дека има „промена на режимот“.

„Всушност беше поголемо отколку што мислевме, што значи дека имаа многу работи таму. Им ги одземаме нуклеарните капацитети и имаме промена на режимот. Знаете, сега се справуваме со сосема поинаков сет луѓе, и тие се многу поразумни од претходниците, многу поразумни“, изјави Трамп.