Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на својата социјална мрежа Truth Social во врска со моменталната ситуација со Иран, давајќи клучни детали за статусот на Ормускиот теснец, како и за потенцијален нуклеарен договор.
Трамп потврди дека стратешки важниот Ормуски теснец ќе остане отворен без понатамошна поморска блокада, но во исто време испрати јасно предупредување.
„Сепак, сите бродови остануваат на своите места доколку е потребно“, додаде американскиот претседател, јасно ставајќи до знаење дека САД се подготвени да реагираат во секое време.
Покрај ситуацијата на море, Трамп се осврна и на прашањето за нуклеарната програма на Иран, тврдејќи дека официјален Техеран направил огромна отстапка под притисок од Вашингтон.
Според него, Иран целосно се согласил со нуклеарните инспекции на највисоко ниво.
„Доколку не се согласеа на ова, немаше да има понатамошни преговори“, категоричен беше Трамп во својата објава.
Трамп објасни и како ќе изгледа системот на финансиско олеснување и одмрзнување на средствата за Иран, нагласувајќи дека Техеран нема да има слободна рака во трошењето на парите.
Средствата и олеснувањата од санкциите што ќе му бидат исплатени на Иран, тврди тој, ќе се чуваат на посебни сметки што ќе бидат под контрола на САД.
„Овие средства ќе се користат исклучиво за купување храна и медицински материјали од САД, вклучувајќи пченка, пченица и соја од нашите одлични американски земјоделци“, рече Трамп.
