Американски гаранции за Киев
Средбата во Белата куќа меѓу Доналд Трамп, Володимир Зеленски, европските лидери и генералниот секретар на НАТО го отвори патот за можен трилатерален состанок за прекин на конфликтот во Украина. Американскиот претседател најави дека САД ќе обезбедат безбедносни гаранции за Киев и дека се подготвува тет-а-тет средба Путин–Зеленски, а потоа и заеднички состанок со негово учество.
„Веќе работиме на организирање средба. Ако тоа оди добро, се надеваме на трилатерален состанок со Путин, Трамп и Зеленски, каде што ќе се обидеме да финализираме договор“, изјави државниот секретар Марко Рубио.
Зеленски: Подготвен за директни разговори
Од Кремљ го потврдија телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, додека Зеленски порача дека е подготвен за средба со рускиот претседател. „Москва предложи прво билатерален состанок, а потоа трилатерален. Ние сме подготвени за каков било формат на ниво на лидери. Прашањето за териториите ќе остане тема за разговор меѓу мене и Путин“, истакна Зеленски. Тој додаде дека американските безбедносни гаранции претставуваат голем чекор напред за Украина.
Европска поддршка за мировниот процес
Европските лидери изразија задоволство по состанокот во Вашингтон, оценувајќи дека посветеноста на САД кон безбедноста на Украина е клучна за исходот на идните мировни преговори.