Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека ги приближуваат ставовите со Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) и оти дијалогот ќе продолжи неделава. Очекува дека до четврток или петок веќе може да има договор.
-Имавме конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува. Блиску сме до кончно решение. Всушност денеска разговаравме за повеќе понудени предлог решенија и од МТСП и од страна на СОНК и дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот. Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме потпишано спогодби и конечно решение во однос на одлуката на штрајк во предучилишните установи, рече Тренчевска по денешната средба со претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Таа додаде дека ставовите се приближуваат, но оти е потребно време за да може предлозите дадени од страна на Министерството за труд социјална политика и од СОНК да се усогласат и до крајот на неделата во четврток или петок да има конечно решение.
-Тоа треба да биде во интерес и на МТСП и на СОНК односно вработените во градинките, а е во согласност со законот и ќе дојдеме до она што значи решавање на овој спор, рече Тренчевска.
Претседателот на СОНК е отимист дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.
-Па да. Може да има последици, доколку не најдеме заедно прифатливо решение, но еве ќе се надоврзам на кажувањето на министерката навистина се движиме во добар правец и надминување на горчливиот проблем за исплата на плати на сите оние коишто беа во штрајк во детските градинки. Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало се чини да биде сламка на сопнување, од аспект на тоа што има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата. Згора на тоа и преговорите со МОН привршуваат под покровителство на помирувачи. Така што, она што ќе биде договорено во однос на зголемување на плати во дејноста образование ќе важи и за детска заштита и дефинитивно она што е договорено и со еднииот и со другиот министер односно со работните групи од двете министерства, дека и колективните договрои ќе бидат изработени односно потпишани во соодветна рамка односно термин за којшто веќе сме веќе блиску за утврдување, рече Неделков по средбата.
Тој е убеден дека разговорите со МОН кои се водат под покровителство на помирувач ќе завршат утре, кога истекува и рокот за завршување на преговорите.
-Денеска еве имаме повторно средба во МОН каде што ќе ги допрецизираме договорените работи коишто треба да произлезе и записник од помирувачот за кој практично треба заедно да се усогласиме и да го усвоиме. Врз основа на тој записник треба да се изготви и спогодба која што ќе ја потпишеме сите инволвирани страни во овој процес, рече претседателот на СОНК.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) од 16 часот се очекува да има средба и во Министерството за образование и наука.
Претходната средба на синдикалците со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба имаа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири претходно денеска изјави дека ќе направат напори да се постигне договор бидејќи вторите десет дена од рокот за решавање на спорот со медијација завршуваат утре или задутре.
– Ние ќе направиме напори денеска да се постигне договор зашто за многу теми од разговорот сме дојдени блиску до решение на проблемот. Во текот на денот да најдеме решение заедно со помирувачот и двете страни кои сме во преговори да ги прифатиме препораките кои ќе дојдат од страна на помирувачот, рече Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање.
Преговорачките средби на Синдикатот со двете министерства се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако на 8 мај истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.
Генералниот штрајк кој почна на 11 април, беше ставен во мирување на 28 април кога СОНК беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување. Синдикалниот лидер Јаким Неделков тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со Владата односно со ресорните министерства.