„На образложението на претседателот како ССМ не гледаме ама баш никако, навикнавме некако 4 години претседателот едно да кажува јавно, а потоа за 360 степени да го менува мислењето. Уште првиот момент кога кажа дека нема да ги потпише законите бевме целосно убедени дека истиот ќе ги потпише без да има апсолутно никаков приговор“, истакна Слободан Трендафилов од Сојуз на синдикатите на Македонија при гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
Трендафилов додаде дека им е многу жал што на претседателот Пендаровски му беа потребни три дена за да изгледа три члена од законот за работни односи кои што се најспорни во целиот проект.
„Ова го велам од причина што за тие три дена успеа да види дека нема 60 часовна работна недела, го поздравувам експозето на претседателот, навистина во законското решение никаде не пишува 60 часовна работна недела. Но, меѓутоа претседателот веројатно само предлог законското решение го читал, не и основниот текст на законот за работни односи. Доколку се врател назад еве два члена пред членовите кои се менуваат со предлог законот за работни односи ќе видел дека во законското решение пишува 72 часа работна недела имајќи во предвид дека работниците ќе ги „уживаат“ дневниот, неделниот и годишниот одмор. А, нашиот закон и Меѓународната конвенција предвидуваат минимум 12 часа дневен одмор и 24 часа неделен одмор“, заклучи Трендафилов.
Тој посочи дека на Пендаровски математиката очигледно му е послаба страна, па затоа 72 му е помалку од 60 часови за да му биде далеку повеќе спорно 60 часовната работна недела.