Меѓусебни обвинувања, реплики и контрареплики, на ова се сведе денешното второ продолжение на 104. собраниска седница. Пратениците повторно ги спротивставија ставовите околу владината коалиција и реконструкција која за ВМРО-ДПМНЕ, како што беше речено, е „’Пазар 3’, синоним за лага, манипулација, лицемерие и хипокризија“, додека за СДСМ – опција која ја води државата напред кон европската иднина.
Според ВМРО-ДПМНЕ, новото парламентарно мнозинство нема да биде стабилно, а целта на реконструкцијата е само да се продолжи рокот на Владата уште 10 месеци. Притоа, работите во државата нема да се подобрат. СДСМ, пак, порача дека новото и поголемо парламентарно мнозинство ќе овозможи посигурни услови за реформи и економски политики, а ВМРО-ДПМНЕ само блокира, опструира, шири лаги и манипулации зашто ниту едно нејзино црно сценарио не успеа – има струја и нафта, има топлинска енергија за скопјани, двете стратешки одредници се случуваат сега, во времето на оваа власт, потпишан е ФРОНТЕКС,… Со ВМРО-ДПМНЕ, оценија пратениците од владејачката партија, државата не може да оди напред, а тоа го гледаат и граѓаните и меѓународната заедница.
Во текот на расправата ставовите на народните избраници се судрија и околу Алијанса за Албанците (АА). АА реши да биде „лепак“ на бродот што дека тоне и го промени својот став за многу кратко време, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ веднаш возвратија дека оваа Влада е политичка, дека политички договори се правеле и ќе се прават и тоа се нормални процеси. Но, за збор се јавија и тројца пратеници од АА кои потенцираа дека нивната партија останува на критичките ставови кои ги изнесуваше претходно, а причината за влез во Владата е единствениот приоритет – изгласување на уставните измени и продолжување на земјата по европскиот пат.
-Како АА ќе излезе пред глаасачите за да им објасни дека Ахмети и Груби не се криминалци како што ги нарекуваа и дека заедно ќе се борат за искоренување на корупцијата? Образложението дека со влезот на АА во Владата ќе се забрза европскиот пат не држи, зашто ако АА ги почитуваше европските вредности и принципи, можеше да го одржи зборот пред граѓаните и да ја поддржи Владата во евроинтеграциските процеси без да преговара со неа за министерски функции, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Снежана Калевска Ванчева од СДСМ изрази жалење што од говорницата се слуша реторика на, како што рече, поделби, деградации, омаловажување и омраза.
-Тука сме да работиме заедно, во интерес на народот. Дали ваква реторика ќе имавте ако Алијанса останеше со вас во опозија? Сигурно не. Ова е политичка влада, политички договори се правеле и ќе се прават. Ова се нормални процеси, особено во вакви времиња, напомена Калевска Ванчева.
Фадил Зендели од БЕСА потсети дека АА употребуваше арсенал навреди против Владата, за потоа да го смени мислењето и да стане дел од неа.
-Вашето влегуваше во Владата е обична фарса, рече Зендели.
На тоа реплицираше Аднан Незири од АА, укажувајќи на потребата од уставни измени.
– Партиите некогаш треба да ја жртвуваат политичката карирера за добро на граѓаните. Годинава треба да биде одлучувачка, а не да биде година на избори. Потребни се измени на Уставот, тоа е единствена можност за нашиот пат кон ЕУ кој граѓаните долго време го очекуваат. Ако ова не се реализира, тие ќе бидат уште поразочарани. И Преспанскиот договор го направивме поради граѓаните и европската ориентација, за тоа станавме и членка на НАТО. Определни сме да ја ризикуваме личната политичка кариера со единствеа причина – да не се пролонгира чекањето со декади. Со уставните измени не се става во опасност ниту макеодонскиот народ, ниту македонскиот јазик. Ништо не губиме околу националните прашања. Ова е одлучувачки момент кој е неопходен, рече Незири.
За контрареплика се јави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ. Таа му порача на колегата Незири да ја прочита Преамбулата на Уставот.
-Не може вие да ме убедувате дека нема штета ако Бугарите влезат во Уставот. Бидете внимателни кога ќе ни препорачувате нам Македонците што треба да правиме, а што не. Знаеме ние што треба да правиме, а вие како добри наши сограѓани треба само да не поддржите, рече Ласовска.
Претходно, и Елми Незири од АА објасни зошто неговата партија одлучила да стане дел од Владата. Рече и дека и дале шанса на ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, но таа по локалните избори се вратила на старите патеки.
-Заземавме политички став, одговорен, да и дадеме шанса на ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, да се врати во реалноста. Соработувавме на локалните избори. Штом изборите завршија, ВМРО-ДПМНЕ се врати на старите патеки, кон Орбан, Додик. Жал ми е што на некој начин го губи контактот со реалноста. Ќе продолжиме со нашите ставови во Владата, но политиката се дефинира и како избор на приоритети, а приоритет над сите пориоритети сега е да го фатиме чекорот што го чекаме 30 години, подвлече Незири.
И неговиот сопартиец Халил Снопче потврди дека АА стои зад сите критики што ги изрекла кон Владата.
-Алијанса за Албанците стои зад сите изјави што ги кажа против ДУИ, СДСМ и Владата. Не се пишманивме, ниту имаме намера да се пишманиме околу изјавите и критиките, му рече Снопче на Зендели.