И покрај зголемените напори на властите, Македонија сè уште не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, стои во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за 2025 година.
Земјата останува на ниво 2, бидејќи, како што се наведува, Владата презела значителни активности, но не во доволна мера за да премине во повисока категорија.
„Овие напори вклучуваа истрага на повеќе сомнителни случаи на трговија со луѓе и гонење на повеќе обвинети. Владата ги зголеми целокупните напори за заштита, вклучително и идентификување на повеќе жртви, развивање нови стандардни оперативни процедури за мобилни тимови и зголемување на ресурсите за засолниште управувано од невладини организации за жртви на трговија со луѓе. Доделени се средства за Фондот за компензација на жртвите, формирана е комисија за судење на случаи и воспоставена е група составена од преживеани за давање препораки за напорите против трговијата со луѓе“, се посочува во извештајот.