Скопскиот кривичен суд ги прогласи за виновни тројцата обвинети кои во изминатите пет години нелегално складирале железо, акумулатори и кабаст отпад на депонијата „Вардариште“. Судот утврди дека обвинетите, без фирма и без лиценца за управување со отпад, со цел незаконска заработка, трупале отпад на јавна површина и со тоа ја загадувале животната средина.

Секој од обвинетите доби казна затвор од по три години. Судот оцени дека нивните дејствија претставуваат загрозување на животната средина и природата со отпад, кривично дело за кое законот предвидува казна затвор од една до десет години.

Одбраната најави жалба до Апелациониот суд, оценувајќи дека изречените казни се престроги. Според нив, отпадот што бил складиран не бил запалив, а пожарот кој неодамна избувна на „Вардариште“ се случил, како што наведуваат, околу 500 метри подалеку од дивата депонија создадена од нивните клиенти.