Неколку италијански медиуми пишуваат дека постои голем интерес од три клубови од Серија А за услугите на нашиот репрезентативец, Александар Трајковски. „Тутомеркато“ е најконкретен од сите и вели дека Македонецот е најблизу до потпис со екипата во која седум години мина нашиот легендарен капитен, Горан Пандев.
Џенова повторно се врати во Серија А и сака да се засили со проверени и искусни имиња, а наводно името на Александар Трајковски било посочено како одлично решение за офанзивата. Нашиот репрезентативец последниве две години настапува за Ал-Фејха од Саудиска Арабија, но голема е можноста летово да се врати во Италија, каде претходно настапуваше за тимот на Палермо.
Крилниот напаѓач мина прекрасни четири години во Сицилија и оттаму носи само топли и убави спомени, а неговото искуство од играњето во италијанскиот фудбал може да биде од големо значење за реализација на трансферот. Другите два клуба кои пројавиле интерес за Трајковски се Фросиноне и Лече, но „Тутомеркато“ пишува дека Џенова предничи во „трката“ за вториот најдобар стрелец во историјата на македонската фудбалска репрезентација.
Александар Трајковски кариерата ја започна во Цементарница, а потоа играше за Интер Запрешиќ од Хрватска, по што се пресели во белгиски Зулте Варегем. Следуваше преминот во Палермо, а оттаму замина во Мајорка. Во шпанскиот тим не доби преголема шанса и замина во Алборг од Данска. Пред точно две години го направи трансферот во Саудиска Арабија и со тимот на Ал-Фејха триумфираше во националниот Куп.
Останува да видиме дали стрелецот на епскиот гол за Македонија во Палермо наскоро ќе се врати на добро познат терен и дали повторно ќе заигра во најсилното италијанско фудбалско натпреварување.